Svedoci i svedocenje, Završni rad' predlog Krivično pravo
sadiya-bantasoska
sadiya-bantasoska

Svedoci i svedocenje, Završni rad' predlog Krivično pravo

32 str.
46broj poseta
Opis
poim za svedoci i svedocenje, ranlivi kategorii na svedoci
20 poeni
poeni preuzimanja potrebni da se preuzme
ovaj dokument
preuzmi dokument
pregled3 str. / 32
ovo je samo pregled
3 prikazano na 32 str.
ovo je samo pregled
3 prikazano na 32 str.
ovo je samo pregled
3 prikazano na 32 str.
ovo je samo pregled
3 prikazano na 32 str.

ФАКУЛТЕТ ЗА ПРАВНИ НАУКИ, МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ И ДИПЛОМАТИЈА

ДИПЛОМСКИ ТРУД

Тема: „СВЕДОЧЕЊЕ“

Изработил:

Шадија Банташоска

Ментор:

Проф. Др.Владимир Пивоваров

Скопје, 2017

1

Содржина

Вовед.........................................................................................................................3

Законска основа за сослушување на обвинет и осомничен............................6

Подготвителна етапа за сослушување на лица…………………………….....8

Психологија на сведочење…………………………………………………….....9

Когнитивно спознајно интервју…………………………………………….....10

Ранливи категории на испитаници....................................................................17

Тактика на сослушување на малолетни деца..................................................17

Тактика на сослушување на женски лица........................................................23

Тактика на сослушување на возрасни лица.....................................................24

Сослушување на оштетен....................................................................................26

Сослушување на обвинет или осомничен.........................................................29

Заклучок...................................................................................................................33

Вовед

Гледано од историски аспект, сведокот се појавува уште во првите човекови цивилизации кои се поврзани со настанувањето на државите што е условено од функционирањето на одреден степен на правото. За првпат споменување и користење на поимот сведок се среќава уште во робовладетелските држави во прв ред во египетското царство ( некаде 2 500 година пред нашата ера ).

2

Карактеристично за акузаторната (обвинителната ) постапка која е покрената од страна на оштетениот, како доказно средство меѓу другото е користен и сведокот. Своите искази сведоците ги давале под заклетва во име на господ или фараонот, со пратечка изјава за казната која ќе биде над сведокот применета во случај на лажно сведочење.1 За југо источно европската историја карактеристичен е терминот сведок.

Постојат повеќе дефиниции за поимот сведок, но најопфатна е онаа која сведокот го дефинира како лице кое најверојатно ќе може да даде известувања за кривичното дело и учесниците во истото ( оштетениот и извршителот ) како и за други важни околности кои го пропратиле случувањето на кривичното дело ( време, место, предмети со кои е извршено кривичното дело, предмети кои потекнуваат од извршеното кривично дело, патот на пристигање на извршителот, редоследот на извршување на кривичното дело, патот на заминување на извршителот на кривичното дело и др ).

Поимот сведочење може да се одреди како своевидна изјава на лица дадени пред полициските органи во преткривичната постапка или во текот на судската постапка дадена пред судот а во врска со запазените факти за одредено кривично дело кое се случило во минатото. Во правната литература постои мислење дека сведокот е лично средство во доказната попстапка. Сослушувањето на сведокот е сложено дејствие кое бара стручност и прецизност на криминалистот или судијата, нивно познавање на психологијата на сведочење.

Предмет на сведочење е кривичен настан кој се случил во минатото, а се однесува на кривичното дело и извршителот. Кривично правниот настан сведокот го осознава потполно или делумно поради што за судијата или криминалистот произлегува задача добиените информации од сведочењето да ги издвои на важни и неважни за преткривичната или кривичната постапка.

Сведок може да биде секое лице независно од неговите карактеристики (психолошки, физички и старосни ). Сведок е секое лице кое на одреден начин можело да го запази случувањето на кривичното дело,2 запазувањата да ги репродуцира по пат на сеќавање во самата постапка без разлика дали се работи за преткривична или кривична. Кога станува збор за возраста на сведокот истата е ирелевантна затоа што како сведоци може да се појават и малоетни ивозрасни лица. Исто така и децата може да бидат сослушани со тоа што во предвид треба да се има нивнаиот психички развој како и природата на предметот за кој треба да сведочат.

Еден од критериумите за поделба на сведоците е начинот на кој го перципирале (дознале) конкретниот кривично правен настан. Во врска со напред наведеното сведоците ги делиме на оние кои за кривично правниот настан сведочат врз основа на сопствени запазувања causu criminalis или т.н, вистински сведоци и сведоци кои до сознанијата за одреден кривично правен настан дошле преку посреден начин преку слушање од други

3

1 Павловиќ М., Правна историја света, Крагуевац, 2009 год., стр 22 2 Ирелевантно е дали се работи за подготвителна етапа – ante delictum, етапа на извршување на кривичното дело – tempore delictum или пак етапа на прикривање на кривичното дело – post delictum.

лица поради што ваквите сведоци ги нарекуваме посредни сведоци или сведоци по слушнување.

При извршување на секое кривично дело, во надворешниот свет се случуват промени. Тие промени се појавуваат во сферата на материјалното и претставуваат предмети и траги од стореното кривично дело. Материјалните промени настанати во врска со кривичното дело, настануваат непосредно со самото негово извршување но и при неговото подготвување и прикривање. Промените настанати со извршувањето на кривичното дело, се појавуваат и во сферата на идеалното ( сеќавањето на сведокот, сеќавање и преживување на жртвата на кривичното дело, сеќавањето, како и промените настанати во психата на извршителот на кривичното дело а кои се манифестираат како психички индиции ), и материјалното (материјални докази ). Овие промени во себе за стореното кривично дело се одраз кој се однесува на извршителот, начинот на извршување, средствата на извршување и мотивот на извршителот. Носителите на криминалистичките информации се нарекуваат сигнали и имаат материјална и идеална ( психичка ) природа.

Материјални носители на криминалистичките информации се предметите со кои е извршено кривичното дело како и оние предмети кои потекнуваат од извршеното кривично дело, трагите кои потекнуваат од истите а со нивното откривање и фиксирање се занимава криминалистичката трасеологија.

Идеален ( психички ) носител на криминалистичка информација претставува помнењето ( енграм ) на луѓето кои имаат допирни точки со конкретното кривично дело.

Персоналните докази настануваат како резултат на запазување ( перципирање ) и психичко преживување на лицата кои биле во контакт со извршувањето на кривичното дело ( сведоци, оштетените како посебна категорија на сведоци и осмничениот во преткривичната или обвинетиот во кривичната постапка ). Доказните информации од овие лица се земаат по пат на сослушување. Овој вид на доказни информации се условени пред се од можноста на забележување ( перципирање ), помнење и заборавање, репродуцирање на забележаното што од друга страна директно е условено и од тактиката на сослушување со цел добивање на вистинит исказ. Освен криминиластичката тактика со оваа прашање се занимава и судската психологија.

Стварните ( материјални ) докази настануваат во врска со извршувањето на кривичното дело во процес на меѓусебно додирнување на материјалните објекти, контактот кој се остварува помеѓу извршителот и жртвата, или извршителот и материјалните објекти, при што доаѓа до пренесување на криминалистичките информации од едни на други предмети или лица.3 Тука пред се се среќаваме со проблематиката на настанувањето, откривањето и фиксирањето на доказите како и вештачењето на материјалните носители на доказните информации. Кривичното дело, како реална појава која не опкружува, не се наоѓа во статична состојба, туку во брза и постојана дезинтеграција и дезориентација. Од моментот кога сигналите на стореното кривично дело настанале, тие почнуваат да се менуваат, преобразуваат и

4

3 Секој предмет поседува две основни карактеристики: а) кинетичка енергија и б) хемиски својства. Токму овие две компоненти овозможуваат предметите кои меѓусебно доаѓаат во контакт да оставаат траги, но и лицата кои доаѓаат во контакт со предмети како и предмети кои доаѓаат во контакт со лицата да оставаат свои видливи или невидливи ( латентни ) траги.

исчезнуваат без разлика дали се работи за персонални или материјални носители на информации.

Материјалните носители на информации ( побргу или подоцна ) ги уништува забот на времето, временските неприлики но и самиот извршител на кривичното дело кој се обидува истите да ги уништи, а психичките носители на информации односно сеќавањaтa со изминување на времето бледнеат и се се менуваат, затоа поради ова потребно е криминалистичките мерки да се превземаат во согласност со начелото на брзина и изненадување, со цел успешно и благовремено да се откријат и фиксираат криминалистичките информации, бидејќи само со такво постапување може да се спречи нивно губење и уништување.

Кога се зборува за сослушување на сведоци, оштетен или извршител, мора да се почитуваат општите криминалистички правила кои се спроведуваат во оваа постапка, без разлика дали се работи за преткривична или кривична постапка. Мора да се напомне дека не постои точно определен шаблон кои оперативниот работник во преткривична постапка, или пак истражниот судија или претседавачот со судскиот совет во кривична постапка треба да го употребуваат. Ваквата констатација се поткрепува со аргументите дека кривичните дела се групирани во повеќе подгрупи, извршителите на истите имаат различни карактерни особини и интелектуална моќ и различни интереси.

При сослушување на наведената групација на лица среќаваме две страни, испитувач ( овластено службено лице, истражен судија, за одредени кривични дела јавен обвинител и претедавач со судскиот совет ) и испитаник кој може да се јави во својство на осомничен во преткривичната постапка, сведок во преткривичната и кривичната постапка, оштетен во преткривична или кривична постапка како и обвинет во кривична постапка.

Во овој процес на сослушување се воспоставува интеракција помеѓу учесниците во истиот ( испитаникот и испитуваниот ), која во својата основа е вербална односно примарна, на што се надоградува секундарниот дел а тоа е психосоматското однесување на испитаникот ( нервозно однесување, сушење на грлото додека ги дава одговорите, треперење на телото и гласот, залутан поглед, црвенило на лицето и сл. ), што на испитувачот му овозможува да изгради најплодотворна тактика на испитување.

Законска основа за сослушување на обвинет и осомничен

Зависно од правната ситуација во која се наоѓа лицето осомничено за извршување на кривичното дело или доколку против истото е подигнат обвинителен акт, сослушувањето на обвинетиот се врши во кривична постапка а сослушувањето на осомничениот го врши криминалистот во преткривичната постапка.

Правната рамка на сослушување обвинет е вооквирена со Законот за Кривична постапка при што се определува формата, но содржината и тактиката на сослушувањето која ја спроведува испитаникот е избор на испитувачот кој треба разговорот со обвинетиот да го води, но тоа мора да биде во согласност со правилата кои ги предвидува криминалистичката тактика. Согласно ЗКП, сведок ( testis ) е секое физичко лице ( не земајќи ја во предвид неговата деловна способност ), лице кое е обврзано во кривичната постапка да ги изнесе своите сетилни забележувања за сите факти кои се предмет на

5

докажувањето и се од значење за кривично правниот предмет. Обврската за сведочење настанува со одлука на судот а не по предлог на некоја од странките во постапката.

Изјавата што ја дава сведокот се нарекува исказ, со кој сведокот го пренесува сопствените непосредни забележувања за фактите од минатото што ги сознал (перципирал), со помош на сетилата за допир ( кај слепи лица ), мирис, слух и вид, а кој се однесуваат на одреден кривично правен настан. Исказ на сведок е изјава на лице различно од обвинетиот, дадена на органот што ја води кривичната постапка, во текот на истата за забележување на некој факт од минатото, факт кој има значение за конкретниот предмет а со цел докажување на тој факт.4 Како сведоци може да бидат повикани сите оние лица за кои се претпоставува дека имаат сознанија ( лични или пренесени од друго лице ), а кои се однесуваат на кривичното дело ( извршителот, околности за подготвување, извршување и прикривање на истото ). Оштетениот, оштетениот како тужител и приватниот тужител, исто така, согласно чл. 217 ст. 2, може да бидат сослушани во својство на сведок. Дури во одредени ситуации во својство на сведок може да бидат сослушани и останатите лица кои учествуваат во постапката како што се обвинителот, судијата и судија поротник, под услов по давањето на својот исказ во својство на сведоци да бидат изземени во понатамошната постапка.

Обвинетиот неможе да биде сведок согласно максимата „ никој неможе да биде сведок во своја сопствената работа - testis nemo in sua causa esse potest “. Оправдувањето на оваа максима лежи во околноста што обвинетиот неможе да биде во својство како концентрација кај едно лице во еден ист предмет, но и поради законската можност обвинетиот да се брани со молчење. Само во исклучителни ситуации првично обвинетото лице, може да се јави во својство на сведок и тоа кога ќе му престане својството на обвинет, или обвинетиот е осуден со правосилна судска пресуда во предмет во кои имало повеќе соизвршители кои сеуште имаат својство на обвинети. Возраста, полот, социјалниот статус и деловната способност на лицата, неможе да бидат пречка за истите да бидат повикани да сведочат за одреден кривично правен настан.

Должност за сведочење претставува законски конституирана обврска на сите граѓани како домашни така и странски кои претстојуваат на територијата на Република Македонија, освен доколку со посебни законски одредби не се ослободени од обврската за сведочење. Обврската за сведочење ги опфаќа следните елементи:

- должноста на сведокот да се јави на поканата на судот, и

- да го даде својот исказ.

Сведокот е должен да го даде својот исказ и да ја зборува само вистината без премолчување на факти кои му се познати, а доколку даде лажен исказ, сторува кривично дело – лажно сведочење.

Одредена групација на лица, согласно ЗКП неможе да бидат сведоци а тоа се:

• лице кое со својот исказ би ја повредило должноста за чување на службена, државна или воена тајна,

• бранителот на обвинетиот за она што му го доверил обвинетиот,

6 4 Марковиќ Т., Савремена техника истраживања кривичних дела, Загреб, 1977 год., стр. 473

• лица како што се нотар, лекар, психолог, верски исповедник или социјалниот работник на кого тајната му ја соопштил обвинетиот додека тој ја извршувал својата службена должност.

ЗКП предвидува и групација на лица кои се ослободени од должноста за сведочење односно сведочењето е во зависност од нивната волја. Оваа групација на лица ја сочинуваат:

• брачниот и вонбрачниот другар на обвинетиот,

• роднини на обвинетиот по крв во прва линија, роднини во странична линија до трет степен и роднините во сватовска линија до втор степен,

• посвоеник и посвоител на обвинетиот.

Повикувањето на лица со цел обавување на информативен разговор, е регулирано со Законот за полиција како и Правилникот за вршење на полициски работи.

Согласно член 43 од Законот за полиција, полицијата е овластена писмено со покана да повикува граѓани заради собирање потребни изестувања неопходни за извршување на полициските работи.

Подготвителна етапа за сослушување на лица

Испитаникот ( овластеното лице во преткривична или истражниот судија, судијата во кривичната постапка ) за да може да ја постигне зацртаната цел на испитување на осомничениот во преткривичната, или обвинетиот во кривичната постапка, потребно е да има претходни познавања за основите на психологијата на лица, методите на криминалната психологија, општи правила за водење на разговор а за сето напред наведено потребна е сеопфатна подготовка.

Подготовката за обавување на разговор треба да ги опфаќа следните елементи:

а) прибирање на податоци за лицето со кое треба да се обави разговорот,

б) проучување на сите приберени вербални и материјални траги за кривично правниот настана во врска со кој е потребно обавување на разговор,

в) прецизирање на факти за кои треба да се води разговорот ( одреден факт или пак целиот кривично правен настан ),

г) подготовка и изготвување на прашања кои треба да бидат поставени како и тактика на поставување со избирање на најпогодниот момент на поставување на истите,

7

д) изготвување на проценка за времето и местото на кое треба да се обави разговорот.

Бирократската практика најчесто укажува на тоа дека сослушувањето на лица најчесто се извршува во службените простории. Сослушувањето во службени простории не претставува проблем само за одредени кривични дела претежно од областа на економскиот криминалитет.

Кај поголем број на кривични дела, обавувањето на сослушување на местото на кривично правниот настан, на испитаникот му дава појасна визуелна претстава за онаа што се случило при подготвувањето, извршувањето или прикривањето на кривичното дело, односно веќе подготвените прашања при самото испитување може да бидат дополнети со нови прашања а на испитаникот му се скусува просторот за давање на лажни одговори на поставените прашања.

Психологија на сведочење

За да може да успешно да го спроведе сослушувањето, криминалистот пред се треба да ја познава психологијата на сведочењето. Основ за квалитетно репродуцирање на перципираното ( запазеното ) за време на случување на еден кривично правен настан е епизодното помнење.

Епизодно поменење претставува психолошки процес кој се состои во декларативно долгорочно помнење кое се однесува на временско одредување на тоа кога настанот се случил ( епизоди ) и нивното временско и просторно поврзување одредувајќи каде и кога некоја информација е перципирана. Проблемот на сведочењето е во тесна врска со својствата на епизодичното помнење. Постојат повеќе фактори кои влијаат на репродуцирањето, односно точноста на епизодното помнење а пред се:

- вниманието и длабината на обработка на информации,

- возраста,

- контекстот ( емоции, расположението, физиолошка состојба, особини на личноста,

- изминатото време од случувањето на кривично правниот настан и сослушувањето.

Нивото на побудување на информациите на епизодното помнење се организирани по хронолошки редослед или парцијално, осетливи се на интерференција ( читање, разговор ), а се пронаоѓаат со свесниот напор кој што го прави сведокот. Треба да се внимава на реконструктивните потсетувања на сведокот ( празнините кои се јавуваат во неговото сведочење ), бидејќи празнините при сеќавањето несвесно се пополнуваат со

8

вметнати содржини врз основа на претходното знаење на сведокот и неговите претпоставки што се случило за време на тие празнини.

Према криминалистичките психолози Fisher и Georg, криминалистот при сослушувањето нетреба да врши:

- прекинување на сведокот при давањето одговори,

- избегнување на шемата прашање – одговор,

- непримерен редослед на прашањата,

- негативни формулации на прашањата,

- насочувачки и сугестивни прашања,

- несоодветен речник,

- проценувачки примедби,

- неправење на анализа на детали,

- занемерување на аудитивни информации.

КОГНИТИВНО СПОЗНАЈНО ИНТЕРВЈУ

Когнитивното спознајно интервју, претставува посебна техника на сослушување на испитаникот со помош на која се зголемува количината и квалитетот на податоци во однос на вообичаените методи на сослушување, а истото се темели на сознанијата за:

- социјалните интеракции,

- вештината на комуницирање и

- епизодичното помнење.

Техниките на когнитивното интерјусе состојат во следното:

- Обновување, оживување на контексти кои се случиле за време на кривичното дело преку целосно потсетување – поттикнување на менталното враќање на местото на кривичниот настан за време на неговото случување.

- Комплетност, потполност и сеопфатност на сеќавањата на сведокот притоа поттикнувајќи го да ги изнесе сите детали без свесност за нивната важност,

- Потсетување во обратна насока со промена на редоследот на случувањата,

- Промена на перспективата при досетување преку менување на менталната перспектива што ја зголемува целовитоста.

Вештини кои го подобруваат когнитивното сослушување

9

Однесувањето на криминалистот при сослушување на испитаникот треба да биде:

- Опуштен, без неочекувани движења, придавајќи внимание на излагањето на она што го говори сведокот, не го прекинува сведокот во излагањето. Применувајќи го процесот на емпатија со цел да се навлезе во психата на сведокот што ќе го усмери криминалистот во позиција на квалитетно поставување на прашања кои го следат текот на мислите на сведокот.

- На сведокот да му даде упатства за создавање на ментална слика за настанот,

- Примена на техники на фокусирано насочување на сведоковото потсетување преку запознавање и создавање на пријатна и опуштена атмосфера со што се изградува однос на доверба помеѓу криминалистот и сведокот.

Отворени прашања

Преку поставувањето на отворените прашања испитаното лице треба да одговори на осум „ златни прашања “, а доколку на истите добиеме вистинит одговор тогаш сме на вистинскиот пат да ја исполниме целта на сослушувањето а тоа е утврдување на вистината за она што се случило за време на извршување на кривичното дело. Одговорот на отворените прашања треба да одговори на следното:

- Што се случило,

- Кога се случило,

- Со кого,

- Зошто се случило ( мотивот ),

- Кој ( кое лице каква улога имало при извршувањето на кривичното дело ),

- Каде ( на кое место се случил кривично правниот настан ),

- Со што ( предмети со кои е извршен кривично правниот настан ),

- Кого или што ( објект на напад ),

При сослушувањето на лица се користат и затворени прашања кои може да бидат потполно или делумно дисјутивни како што се:

- Дополнувачки,

- Прецизирачки

- Потсетувачки и

- Контролни прашања.

Вештина на когнитивното интервју

10

Вештината на конгнитивното интервју се состои во две етапи односно дејствија кои испитаникот треба да ги превземе во однос на следното:

Прва етапа

- Да не се прекинува сведокот при излагањето,

- Пауза по одговорот кој претходел поставувајќи надоврзувачки прашања,

- Поставување отворени и затворени прашања и

- Сведокот активно и самоиницијативно изнесува податоци.

Втора етапа

- Активно слушање,

- Следење на текот на когнитивното интервју,

- Поставување на компатабилни прашања,

- Поновно предочување на оригинални ситуации,

- Поттикнување на сликовито изразување,

- Поттикнување на интензивна комуникација и

- Експлицитно барање на детален опис на она што испитаникот го има забележано.

Психолошки чинители кои влијаат на веродостојноста на исказот на сведокот

Изјавите засновани на машта, илузија или лага, се разликуваат по содржината и квалитетот од изјавите втемелени на вистински доживеаниот настан.

Проценка за вистинитоста на изјавата која ја презентира сведокоттреба да се засновува на конзистентност со природните законистости, конзистентност со други изјави и други материјални докази.

Критериуми за веродостојност на изјавата

Критериуми за анализа на општите карактеристики на изјавата на сведокот се следните:

а) Логичка структура на онаа што го изнесува испитуваното лице,

б) Неструктурирана продукција ( стил и редослед со неорганизирана дигресија ), и

в) Опширност на детали ( специфичност на опишување на места, време, лица, објекти, случувања ),

Критериуми за анализа на специфични содржини на изјавата

а) Поврзаност со контекстот (временска и просторно со други случувања),

11

б) Опис на интеракцијата ( постапки и реакции, дијалози ),

в) Репродукција на разговорот,

Критериуми за анализа на посебноста на содржината

а) Необични детали,

б) Преобилност на деталите,

в) Погрешно разбирање на точното репродуцирање детали од страна на сведокот,

г) Поврзани надворешни асоцијации,

д) Наводи за субјективната психичка ситуација на сведокот,

ѓ) Атрибуција на психолошката состојба на сослушуваниот,

Критериуми за анализа на содржината поврзана со мотивација

а) Спонтани исправки,

б) Признавање дека постојат недостатоците во сеќавањето,

в) Сомневање на сведокот во своето сведочење,

г) Самоосудување,

д) Пронаоѓање на оправдување за извршителот на делото.

Субјективни и објективни показатели на лагите

Субјективни индикатори се:

- Избегнување на погледот,

- Зголем број на движења на телото,

- Припремата за давање на одговор трае долго време,

- Пелтечење,

- Зголемен тон на гласот,

Објективните показатели на лагите се воочливи во систематските разлики во вербалното и невербалното однесување при изнесување на лаги. Лагата зависи од:

- видот на лагата ( едноставна или сложена ),

- особините на личноста ( креативност, интелигенција, симпатија, антипатија ) .

Емоционални показатели при изнесување на лаги

При изнесување на лаги се доживува страв, вина и возбудување. Јачината на емоциите зависи од особините на личноста и околностите на лажењето. Други показатели

12

се зголемен тон на гласот, микро изразот на лицето, неструктурирана продукција и вознемиреност.

Тактика на сослушување на лица

Тактиката на сослушување на лица е поделена во три последователни етапи, и тоа:

а) Етапа на запознавање на лицето или воведна етапа,

. Во оваа етапа потребно е да се стекне доверба од страна на испитуваното лице затоа што за секое лице при контакт со испитувачот тоа претставува новосоздадена ситуација во која испитаникот доживува стрес кој создава недоверба, трема или воздржаност што во натамошната постапка на сослушување секако би претставувало проблем за добивање на квалитетна и вистинита изјава што во суштина и е цел на сослушувањето. Испитаникот мора да почувствува дека од страна на испитувачот му се посветува доволно и должно внимание. Меѓутоа мора да напоменеме дека кај одредена категорија на криминализирани лица, т.н. повратници ( закоравени криминалци ), ваквата констатација нема никакво значение.

б) Етапа на слободно излагање на сослушуваното лице

Оваа етапа започнува во моментот кога испитувачот ќе процени дека успешно е завршена првата етапа на запознавање на испитаникот, односно дека истиот е подготвен за натамошниот тек на сослушувањето.Во оваа етапа на сослушување, испитувачот делува навидум пасивно изразувајќи внимание кон исказот на испитуваниот а во суштина тој врши дополнителна проценка за личноста на испитуваниот, а од друга страна размислува дали претходно подготвените прашања за третата етапа од сослушувањето „ етапата на реплика “ ќе вметне нови прашања кои не ги планирал а произлегле од слободното излагање на испитуваниот. Испитувачот може да примени и тактика на барање за повторно излагање од страна на испитуваниот ( доколку се сомнева во искажаното од страна на испитуваниот ), со цел преку повторносто излагање на испитаникот, да му укаже на контрадикторностите во неговото излагање.

в) Етапа на поставување на прашања или етапа реплика.

По проценка на испитувачот завршува етапата на слободно излагање, по што во континуитет испитаникот го продолжува текот на сослушувањето со поставување на прашања кои се од типот на дополнителни, потсетеувачки, контролни или прецизирачки. Целта на овие прашања е да се дополни или пак провери исказот даден при слободното излагање на испитаникот како и подетално објаснување на околности и факти кој биле нејасни при излагањето на сослушуваното лице во претходната етапа на слободно излагање или пак воопшто не биле споменати, да се потсети испитуваниот на некој факт за кој испитувачот претпоставува дека испитуваниот го знае тој факта го премолчува како и да се утврдат или отстранат евентуалните заблуди кој постојат кај испитувачот. Прашањата кои испитувачот му ги поставува на испитаникот мора да ги задоволуваат следните критериуми:

- да се јасни,

- да се прецизни,

13

- да не се сугестивни,

- да се разбирливи за испитаникот,

- да имаат хронолошки редослед односно да се во една целина.

При водење на разговорот препорачливо е испитувачот доколку е во можност разговорот да го води на дијалектот кој го употребува испитуваниот а по претходно направената проценка за испитаникот и прашањата да ги поставува во зависност од интелктуалниот развој на истиот. Не е препорачливо испитувачот на испитаникот да му се обраќа со висок тон и навредувачки, да поставува едно прашање од кое се бараат повеќе одговори. Исто така испитувачот во предвид треба да го има и факторот време, односно следјќи го испитаникот ( при водењето на разговорот ) да процени дали кај него настапил замор, а доколку тоа е евидентно времено да го прекине сослушувањето.5 По претходно направена проценка сослушувањето може да биде спроведено и од двајца испитувачи. Ваквото тактичко решение своите предности ги има во тоа што едниот испитувач може да биде активен ( поставува прашања и го води дијалогот ) а вториот пасивен, задолжен за набљудување на испитаникот односно неговите видливи надворешни манифестации кои се израз на неговото внатрешно психичко збиднување. Исто така и двајцата испитувачи може да бидат активни на тој начин што едниот е „строгиот“ а вториот е „добриот“ испитувач, наведувајќи го испитаникот на добриот испитувач да му ја кажува вистината но притоа секогаш пасивниот испитувач ја превзема улогата на набљудување на надворешните манифестации на испитуваниот.

Внатрешниот психички немир кај испитуваниот се манифестира преку зголемена моторика на телото, упадлива гестикулација, поигрување на мускулатурата на лицето, неодреден поглед, зголемено потење, сушење на усните, постојано голтање на плунката6, нерамномерно дишење и промени во интонацијата на гласот. Доклку при водењето на разговорот испитуваното лице поради внатрешниот немир манифестира некои од видливите знаци кои претходно ги набројавме, тактиката на натамошното водење на разговорот треба да ја прилагодиме кон ново настанатата ситуација.

Видови на сослушување сведоци

Зависно од првичноста или повторувањето на сослушувањето на сведоци, разликуваме три вида на сослушување:

а) Првично сослушување,

б) Повторно сослушување, и

14

5 Научно е докажано дека при испитување на лице, првичниот замор се појавува во периодот после дваесетата минута. 6 Постојат записи од кои се гледа дека вината кај обвинетите во Кина уште пред новата ера својата невиност ја докажувале на тој начин што пред судот во усната шуплина им бил ставан ориз. Доклку по спроведеното сослушување обвинетиот го голтнел оризот што претставувало резултат на зголемено лачење на плунката (што е условено од внатрешниот немир на обвинетиот поради зборување на невистината) истото лице било прогласувано за виновно.

в) Дополнително сослушување

а) Првичното сослушување на сведокот во криминалистичката практика е и најчесто, но не и најполезно. Криминалистот пред да се одлучи да отпочне со сослушување на сведокот, првин треба да направи добра и сериозна подготовка односно да донесе проценка во кој момент тоа ќе го стори. Избрзаното сослушување на сведокот. или пак задоцнетото сослушување, може да нанесе несогледливи последици во превземањето на преткривичните дејствија. Најголема грешка е ако се сослушува сведок без да се располага со доволно вербални и материјални докази. Првичното сослушување е основа за градење на натамошната тактика кој треба да се примени во докажувањето на објективната вистина.

б) Повторното сослушување криминалистот го спроведува во ситуации кога по првичното сослушување, преку оперативното работење се добиени нови факти за кој по направената проценка се очекува да бидат разјаснети важни моменти од слученото кривично дело а кои моменти при првичното сослушување не биле разјаснети или пак од оперативното работење е констатирано дека првичната изјава што ја дал сведокот е лажна па со примена на тактиката на сослушување сведоци, криминалистот од лажно сведочење кое го дал првично сведокот, во повторното сослушување очекува да се добие објективен исказ.

в) Дополнителното сослушување на сведок, се спроведува во ситуации кога при претходните сослушувања не бил разјаснет одреден факт а во натамошното работење се јавила потреба токму новиот факт да биде разјаснет. Оваа укажува дека дополнителното сослушување се спроведува само доколку во претходните сослушувања не било разјаснувано за одреден факт.

РАНЛИВИ КАТЕГОРИИ НА ИСПИТАНИЦИ

Тактика на сослушување на малолетни лица

Гледано од криминалистички и кривично правен аспект, секоја изјава која води во правец на докажување на вистината за расветлување на одреден кривично правен настан е добредојдена, без разлика дали се работи за малолетно лице, полнолетно лице или како посебна категорија на лица т.н. возрасни и изнемоштени лица, без разлика на нивниот пол и нивната деловна способност. Секоја од наведените категории на лица, поседува сопствен степен на интелигенција, физички и психолошки специфики кои испитувачот без разлика дали се работи за сведок, оштетен или осомничен во преткривичната или обвинет ( во со закон предвидена етапа ) во кривичната постапка, треба добро да ги познава со цел при сослушувањето на истите да се постигнат посакуваните резултати. Токму нивните психо - моторични однесувања се основен предуслов за планирањето и водењето на разговорот со истите.

Во криминалистичката практика најчесто децата како сведоци или оштетени се јавуваат во контактните кривични дела. За да се изврши квалитетно сослушување на дете, испитувачот треба да располага со сознанија за:

15

а) нивниот интелектуален развој,

б) развојот на степенот на говорот и изразувањето,

в) ориентација за време и место ( простор ),

г) помнењето и

д) склоност кон фантазирањето и лажење.

При водење на разговор со дете, испитаникот може да ги користи следните техники:

а) техника на преформулација,

б) техника на регулација, и

в) техника на предлози за избор.

а) Техниката на преформулација, се состои во повторување на реченицата која ја кажало детето преку повторување на клучните зборови кои се однесуваат на главната замисла која испитаникот треба да ја спроведе.

Разликуваме четири типови на преформулација:

- Преформулација за проверка има за цел испитаникот да го провери личното сфаќање за изразите кои ги користи детето при сослушувањето односно тој да ги избегне грешките во декодирањето.

- Експлораторна преформулација служи за прецизирање на исказот на детето повторувајќи само одреден дел од содржината на исказот,

- Преформулација на одредени реченици во однос на преживеаното се врши со цел да се избегне траумата која сослушуваното дете ја преживеало како жртва на кривичното дело,

- Преформулација на доживеаното при сослушување на детето се врши со цел да се избегнат траумите на кои се потсетува детето при сослушувањето за моментите на кои треба да биде приспоменато при земањето на изјавата.

б) Техника на регулација е еден од тактичките начини за сослушување на деца а кој е од особено значение за утврдување на одбранбениот систем на детето со цел да утврдиме дали има потреба од зголемување или намалување на дијалогот со детето кое го сослушуваме. Техниката на регулација се применува во ситуации кога детето кое го сослушуваме забележително ги менува своите ставови, одбива да одговори на поставените прашања или дава кратки одговори со избегнување на визулен контакт со испитаникот. Оваа техника се применува кога ќе се забележат напред наведените симптоми на тој начин што во тој момент се поставуваат прашања на друга тема кои не го вознемируваат сослушуваното дете, туку напротив го мотивираат за продолжување на разговорот насочувајќи го детето во правец на идни важни прашања кои се однесуваат на кривично правниот настан.

16

в) Техниката на предлози за избор пред се е условена од психолошкиот развој на детето кое го сослушуваме а се состои од понудени алтернативи кои криминалистот ги применува при нивното сослушување а се однесуваат на направената проценка дали вербалниот дел на разговорот со цел појаснување на одредени факти да се дообјасни преку цртеж направен од страна на сослушуваното дете или пак дообјаснувањето да се изврши со помош на кукли кои ја прикажуваат местоположбата на учесниците во кривично правниот настан.

Потребни подготовки за сослушување на деца

За успешно одвивање на сослушување на деца, потребно е да се создадат соодветни услови како што се добро проучување на кривичниот предмет, етапата на развојот на испитуваното дете, прилагодување на испитаникот кон особеностите на детето и сл. Меѓутоа важни фактори од субјектина природа за сослушување на деца се и следните чинители:

а) Посебна приемна просторија,

б) Просторија во која ќе се обави сослушувањето,

в) Подготовка на посебна опрема,

г) Проценка и избор на учесници во сослушувањето, и

д) Проценка за времетраење на сослушувањето.

Доколку се процени дека при сослушување на дете се потребни двајца испитувачи, препорачливо е едниот да го води разговорот а другиот да има улога на записничар. За создавање доверба помеѓу детето и испитувачот задолжително треба да се представат. Во современи простории за сослушување деца, вообичаено просторијата е преградена со невидливо стакло зад кое се наоѓа вториот учесник во сослушувањето ( препорачливо е во тимот зад стаклото да имаме психолог, социолог и сл. ) кој освен техничка улога, активно преку електронските средства за врска се јавуваат како набљудувачи и советници на сослушувачот. Тие имаат можност да го насочуваат испитувачот во правец на лажните искажувања на детето или неговото однесување.

- Современите специјализирани служби, располагаат со поголем број испитувачи од различни полови. Доколку има ваква можност препорачливо е детето кое ќе биде сослушувано, самото да го избере испитувачот што ќе овозможи подобра меѓусебна комуникација, а во ситуации кога детето при сослушувањето ќе се затвори во себе да биде сменет испитувачот.

- Присуството на родителите при сослушување на нивното дете во одредени ситуации може да биде контра продуктивно. Доколку испитувачот процени дека при сослушувањето на детето треба да е присутен родителот, тој треба да седи настрана, надвор од видното поле на детето.

- Препорачливо е сослушување на дете да биде извршено во што пократок период по извршување на кривичното дело. Научно е докажано дека иако децата имаат добра меморија, тие можат да имаат проблем со сеќавањето доколку тоа е извршено во период подолг од 15 дена по случувањето. Се избегнува времето на сослушување да се изврши во

17

терминот за оброци или во првите попладневни часови ( период во кој децата вообичаено одмараат ).

- Не е препорачливо детето покането за сослушување по пристигнувањето во приеманата просторија да чека подолг временски период за да се отпочне со неговото сослушување.

- Времетраењето на сослушување треба да биде испланирано од сослушувачот кој во предвид треба да има дека децата имаат полна концентрација 10 до 15 минути. Поради ова препорачливо е по овој период да се направи пауза која пауза задолжително се нотира во записник за сослушување.

- Положбата во која испитувачот ќе го врши сослушувањето на дете, не треба да биде еден наспроти друг, туку да седат под агол од четириесет степени поради тоа што во најбитните моменти на сослушување детето нема да го гледа испитаникот директно во очи, туку неговиот поглед кон испитувачот ќе биде повремен што ќе овозможи да нема прекин на дијалогот. При ваквата комуникација физичкиот контакт помеѓу испитувачот и детето може да помогне но и сосема да го блокира детето.

Пред да се отпочне со сослушување на детето, испитувачот треба детално да го проучи конкретниот предмет односно сите дотогаш изготвени списи, како од дотогаш обавените разговори така и прибраните материјални докази од извршениот увид и вештачењето на материјалните траги кои потекнуваат од конкретниот кривично правен настан.

Следниот чекор е запознавање со психолошките карактеристики кои се однесуваат на детето а кои претходно се прибирани од семејството, непосредното опкружување, ако детето е на школска возраст, школото кое го посетува ( наставниците, педагогот, психологот, другарчињата и сл. ), забавиштето или градинката ако посетува претшколска установа ( воспитувачот, социјалниот работник, психологот, педагогот ), или пак ако има активности во некој клуб сознанија се прибираат од тренерот.

Податоци кои се однесуваат на начинот на кои функционира детето кое треба да биде сослушано се однесуваат на:

- дали детето вообичаено е смирено или немирно,

- дали воспоставува контакт со возрасните или не,

- неговото однесување со соговорник од различен пол.

Од особено значение е да се дознае дали со детето кое треба да биде сослушувано во друга институција за истиот кривично правен настан, веќе е обавуван разговор со цел да се утврди доколку е обавуван таков разговор, дали истиот имал влијание кон менувањето на ставовите на детето. Од друга страна првичниот разговор е многу важен од причини да се дознае кои термини ги употребува детето и нивното значение.

Пред да се отпочне со сослушувањето на дете, испитувачот треба да состави план кои ќе ги содржи етапите на сослушување, важни поединости кои детето ги изнело во претходно сослушување а истите поединости треба да се продлабочат како и да се направи

18

паралела помеѓу претходно изјавеното и она што детето го изјавува при сослушувањето со цел утврдување на контрадикторности во неговите изјави.

Пред да започне сосослушувањето, испитувачот во предвид треба да има што треба да следи кај детето при самото сослушување, а тоа е:

- капацитетот на детето за пренесување на информации,

- неговата логика за размислување,

- проценка на вредностите, и

- познавање на нормите и отстапувања од истите.

Детето треба да се третира како изградена личност иако тоа е малолетно, обраќајќи му се со неговото име или прекар, интерисирајќи се за неговиот социјален и семеен универзум, неговиот секојдневен живот што треба да предизвика чувство кај детето дека тоа ќе биде рамноправен партнер при водењето на разговорот.

Со цел опуштање на детето, испитувачот треба културно да се претстави и преку поставување на општи прашања со цел да го запознае начинот на размислување на детето за полицијата и мисијата која таа ја извршува. Доклку е неопходно, на сослушувањето треба да присуствува психолог или лекар кои исто така мора да му бидат претставени на детето.Потоа на детето му се објаснуваат редоследот на зборовите, видовите на прашалници, интервенции во случај на недоразбирање и други поединости. По објаснувањето на правилата испитаникот треба да провери дали детето истите ги разбрало.

По ова следи приближување на детето до темата на разговорот преку објаснување на целите на разговорот охрабрувајќи го да зборува дури и за лошите моменти кои му покренуваат непријатни спомени, потенцирајќи ја важноста за говорење на вистината. Потребно е да му се помогне на детето да ги надмине стравовите и чувството на вина, избегнувајќи изрази со остра тонација.

При блокада на детето за општите факти се применува заобиколно разубедување со повторно враќање на конкретни информации кои не се многу заканувачки или импликаторни. Доколку блокирањето е резултат на афективната поврзаност на детето со евентуалниот сторител на делото, треба да му се дозволи најнапред да зборува за позитивните а потоа за негативните карактеристики на сторителот на кривичното дело.

Во етапата на слободно раскажување испитувачот е потребно да го запази следното:

- секоја информација да потекнува од детето,

- да се даде значение на исказот на детето,

- да се набљудуваат вербалните и невербалните ( неуро – вегитативни реакции, погледот, гестови, држење на телото и сл.) однесувања на детето,

- да се избегне било каков прекин при самото излагање на детето,

- да се забележува значението на одделни зборови кои детето постојано ги повторува,

19

- испитувачот да внимава на сопствените реакции при сослушувањето.

По завршување со слободното излагање на сослушуваното дете, потребно е да се провери дали искажаното од негова страна е добро разберено. Ова се прави со реформулација на дадениот исказ, односно за составување на расчленетите делови од исказот за што е потребно големо трпение и волја кај испитувачот.

По обавениот разговор со солушуваното дете сепак има простор за можни корекции или нови моменти кои детето не ги изнело во претходните етапи на сослушувањето. Поради ова секогаш испитувачот на крај од сослушувањето на детето треба да му се обрати со зборови на благодарност за неговото излагање по што со замолница за кусо време да му биде прочитан записникот од сослушувањето по што му се напоменува дека може да додаде нешто што е испуштено при давањето на неговите одговори. Оваа е етапа на т.н. корекции или дообјаснување на дадените одговори.Иако во денешно време сослушувањето на деца се документира во аудио визуелна форма, сепак потребно е да се води записник кој откако ќе му биде прочитан на сослушуваното дете, да му биде даден на потпишување ( зависно од возраста на детето ) а истото треба да го стори и неговиот законски застапник кој е присатен при сослушувањето.7

Тактика на сослушување женски лица

Основната карактеристика на градење тактика за сослушување на женски лица е условена од психо – физичката состојба на истите. Таквите природни состојби кои се појавуваат кај женските лица истите ги доведуваат во сосема поинаква ситуација при сослушувањето, а истите се манифестираат во следните ситуации:

- бременост,

- породување,

- период на доење,

- климактериум, и

- состојба на зголемена менструација.

Исто така психо физички особини кои влијаат при сослушување на женски лица се нагласената емотивност и сугестибилноста.

Сите овие природни ситуации во кои може да се најде сослушуваната жена но и нивните психофизички особини, испитувачот задолжително треба да ги има во предвид. Со цел истите да бидат надминати при водењето на разговорот, од страна на испитувачот треба да се укаже на почитувањето на личноста и достоинството на сослушуваното женско лице. Поради ова уште во првата етапа на сослушување ( етапа на воспоставување на контакт ) потребно е испитувачот да стекне доверба во женското лице кое се сослушува а тоа се постигнува преку давање на емотивно – психолошка подршка која треба да биде заснована на морални принципи како што се мајчинството и семејството.

20

7 Mac Farlanke K., Watterman J., Техники на испрашување и документирање, New York, 1986 year, st. 90

Различноста на половите на испитувачот и сослушуваното женско лице, во одредени ситуации може да претставува сериозна пречка при сослушувањето, особено во ситуации кога сослушуваното лице е жртва на некое од сексуалните кривични дела поради што по однапред направената проценка, сослушувањето треба да го спроведе испитувач од ист пол со жртвата.

При сослушување на женско лице во предвид треба да се имаат одбранбените механизми на истото а кои се манифестираат преку симулирано паѓање во несвест, плачење, хистерични напади или излив на нежности. Ваквите сосотојби нетреба да извршат влијание врз испитувачот.

Доколку се сослушува женско лице во својство на осмничено лице во преткривичната или обвинето во кривичната постапка, секогаш во предвид треба да се има можноста за неоснован напад кон испитаникот дека непристојно се однесувал кон сослушуваната.

Жените како очевидци на одреден кривично правен настан, секогаш даваат многу подетален опис за лицата кои ги имаат забележано во однос на лицата очевидци од машки пол. Тоа е нормален процес во запазување кај женските лица. За пример ќе наведеме дека доколку одредено лице извршител на кривично дело кое е забележано од страна на двајца очевидци од кои едниот од машки а другиот од женски пол. Очевидецот од машки пол за забележаното лице извршител на кривично дело би дал општ опис, претежно задржувајќи се на полот и висината на забележаното лице, додека очевидецот од женски пол за истото лице би дало многу поконкретен опис на обувките, облеката, фризурата, бојата на косата, дезенот на облеката и сл.

Сите напред наведени карактеристики, испитувачот треба да гима во предвид уште пред отпочнување на сослушувањето на лице од женски пол.

Тактика на сослушување возрасни лица

Општо познат факт е дека кај лицата во поодмината возраст, поради нивната психо – физичка состојба, доаѓа до намалување на нивните животни функции. Со одминувањето на годините, кај оваа категорија на лица се намалуваат сите психо – моторни функции и реакции, намалување на осетливоста на сетилата за вид, слух и допир, интелектуалниот процес е во надолна линија, намалување на концентрацијата како и дополнителни фактори кои влијаат на напред наведените човечки карактеристики како што се и разните видови на заболувања.

Процесот на перцепција кај оваа категорија лица е намален поради повеќе фактори како што се незаинтересираноста, бавни реакции на чулните органи потоа следи процесот на помнење кој исто така е успорен поради што често пати во нивното помнење се јавуваат празнини кои оваа категорија на лица поради неподавање на слабост, одредени фрагменти од запазениот кривичен настан ги надополнуват со измислени факти, поради што изјавите на возрасните лица дополнително треба да бидат проверени а и споредени со дотогаш земените изјави но и материјалните траги со кои располагаме за конкретниот кривично правен настан.

21

Карактеристика на повозрасните лица е дека стануваат сугестибилни лесно потпаѓајќи под туѓо влијание, попримајќи чувство на помала вредност, незаинтересирани за она што ги опкружува, непристапни изразувајќи тврдоглавост.

Поради напред наведените карактеристики кои се јавуваат кај возрасните лица, испитувачот при сослушување на истите потребно е да ја примени следната тактика:

- Во подготвителната етапа задолжително да се проверат карактерните особини за лицето кое треба да се сослушува како преку постојните евиденции кои ги води органот за внатрешни работи ( доколку лицето минува низ истите ) така и преку прибирање на оперативни сознанија од поблиското опкружување на истото,

- При изготвувањето на прашањата кои треба да бидат поставени на возрасното лице, испитувачот во предвид треба да ги има животното искуство, интелектуалниот развој, средината од која доаѓа како и неговиот однос и улога во кривично правниот настан,

- Во етапата на воспоставување на првичен контакт, испитувачот несмее на возрасното лице да му се обраќа со повисок тон, препорачливо е почетокот на контактот да оди во правец на општ дијалог за заеднички познати лица и настани, укажувајќи целосна почит, посветувајќи му целосно внимание на испитуваното лице,

- Во етапата на слободно излагање, возрасниот испитаник не треба да се прекинува во неговот излагање, а доколку се појават празнини при излагањето истото треба да го нотираме во своите забелешки и да донесеме проценка зошто истите се јавуваат односно дали е тоа само одраз на возраста, свесна намера за пропуштање на објаснување одредени делови од кривичниот настан или пак се работи за болест на лицето која допринела истите да се појават.

- Во етапата на поставување прашања, испитувачот треба да се фокусира само на најважните потребни елемнти за кои се очекува при испитувањето да бидат разјаснети притоа не вршејќи притисок врз лицето појавените празнини по секоја цена да бидат пополнети бидејќи во таква ситуација испитаникот несвесно може да изнесе лажно видување за дел од случениот кривично правен настан.

Во ситуации кога во улога на исптаник се јавува лице во одминати години а по проценка на испитувачот потребно е да биде сослушано, во таква ситуација факторот време е наш непријател. Имено секое одминување на време од извршување на кривичниот настан кој е забележан од страна на возрасно лице, па се до неговото сослушување, неминовно она што е забележано полека но сигурно бледнее во сеќавањето на таквото лице. Поради ова испитувачот повикувајќи се на начелото на експедитивност, треба во што е можно покус временски рок да го сослуша возрасното лице.

Доколку лицето кое треба да се сослуша е тешко подвижно или со сериозно нарушување на здравјето, по потреба сослушувањето треба да се изврши во неговиот дом или здравствената институција во која тоа претстојува.

Доколку испитувачот ги има во предвид напреднаведените упатствија, ќе може да изгради квалитетна стратегија со која ќе ја стекне довербата на испитуваното лице а со самото тоа и ќе дојде до посакуваниот резултат.

22

Сослушување на оштетен Секое лица на кое со извршување на конкретно кривично дело му е повредено

некое имотно или пак лично право се подведува во категоријата на оштетени лица. Од кривично правен аспект, ирелевантно е дали за стореното кривично дело се гони по службена должност ( ex oficio ) или пак по приватна тужба односно оштетениот во улога на супсидијарен тужител. Во ситуации на потешко нарушување на општествените интереси, гонењето се спроведува по службена должност а го превзема јавниот обвинител.

Со оштетеното лице како еден од актерите на кривично правниот настан, истото може да биде сослушувано во преткривична или кривична постапка. Исказот на оштетениот и во двете постапки може да го набљудуваме од аспект на засегнато лице но и како лице кое укажува на факти кои се однесуваат на кривично правниот настан со активно учество при увидот или можната реконструкција.

При градењето на стратегијата и тактиката за сослушување на оштетено лице, потребно е испитувачот во предвид да ја има заинтересираноста на истото од исходот на кривичниот предмет, поради што ваквите сведоци може да ги сместиме во категорија на заинтересирани сведоци. Во предвид секогаш треба да се имаат објективните и субјективните интереси кои ги има оштетениот што сериозно треба да се земе во предвид при исказот на оштетеното лице.

Кај контактните кривични дела извршени на препад, особено во ноќни услови (разбојништво, тешка кражба, силување, обид за убиство, нанесување тешки телесни повреди и др. ), оштетениот поради психичката состојба во која се наоѓа ( моменти на изненадување ), за сторителот и начинот на извршување на кривичното дело, секогаш при сослушувањето во својата изјава „ додава “, непостоечки т.н зголемени факти кој се производ на преживеаниот страв но и поради старата народна „ во стравот очите се најголеми “, како и давање значение на улогата на сопствената сила и морал во конкретниот кривичен настан.

Во криминалистичката практика најчесто оштетениот е лицето кое лично или по телефон го пријавува кривичниот настан. При пријавувањето на стореното кривично дело на оштетениот му се поставуваат прашања за времето, местото, начинот на извршување на кривичното дело, можните сведоци, штетата и можниот извршител. Примателот на пријавата во тој момент освен констатирање на големи нелогичности ( доколку ги има ), не е во можност да поставува конкретни прашања ( во тој момент не се располага за вербални и материјални докази за конкретниот настан ), како би укажал не недоследности или нејаснотии во пријавата. Затоа по превземањето на оперативни мерки од страна на органот за внатрешни работи, како и истражни дејствија по наредба на истражниот судија ( увид, претрес и др. ), а по направената проценка дека е потребно да се изврши дополнително дообјаснување или допрецизирање на одредени факти кои се случиле при извршување на кривичното дело, потребно е оштетениот повторно да биде повикан на сослушување, со цел да се разјаснат одредени нејаснотии или недоречености кои се неопходни во расчистување на случајот.

Во криминалистичката литература се среќаваме со првично и дополнително сослушување на оштетениот од причини што токму оштетениот е првиот доносител на информацијата

23

дека се случил одреден кривично правен настан кој се гони по службена должност. Сепак во предвид треба да се има фактот дека оштетениот првата изјава ја дава во моментот на пријавување на кривичниот настан, а доколку се процени дека е потребно дополнително да се сослуша оштетениот, тогаш потребно е по методот на компарација да ги споредиме првичната изјава дадена на записникот за прием на кривична пријава и записникот од извршеното сослушување, со цел да да ги утврдиме различностите од двата записника кој може многу да ни укажат за мотивот и целта на пријавување на кривичниот настан.

Тактика на сослушување на оштетен

Како што и при сослушувањето на останатите учесници во кривично правниот настан се сослушуваат останатите учесници ( осомничениот во преткривичната или обвинетиот во кривичната постапка и сведокот ), така и при сослушување на оштетениот треба да се придржуваме до следните криминалистички правила:

а) Проценка за времето и моментот на сослушување на оштетениот. Проценката за времето и моментот кога криминалистот во преткривична или обвинителот во кривичната постапка ќе го сослуша оштетеното лице, пред се е зависна од психо физичката состојба на оштетениот. Доколку се работи за полесно кривично дело при кое оштетениот е во добра психо физичка состојба препорачливо е што поскоро да биде сослушан а најчесто тој е првиот кој треба да биде сослушан за слученото кривично дело а дури потоа да бидат сослушани сведоците ( доколку ги има ), или пак осомниченото лице доколку имаме такво. Во ситуации кога се работи за тешки кривични дела при кои оштетениот има сериозни повреди кој не ни овозможуваат веднаш да го сослушаме оштетениот, потребно е да се направи консултација со лекарот кој се грижи за таквото лице и по негов совет и дозвола можеме да пристапиме кон сослушувањето а вотој момент во предвид треба да ја имаме менталната состојба на оштетениот. Во исклучително тешки ситуации во кои оштетениот е западнат во коматозна состојба од која повремено излегува, потребно е да се искористи тој момент ( доколку е можно да се добијат одредени информации ), да се обави разговор не од оперативецот туку од истражниот судија а разговорот да биде снимен како би можел да се користи во доказната постапка. Колку и да е нехумана, ваквата постапка на сослушување на оштетениот е единствениот начин за прибирање какви такви сознанија за кривично правниот настан особено доколку се очекува смрт на оштетениот. Во вакви ситуации испитувачот треба да е крајно внимателен со цел да не предизвика дополнителни психолошки последици кај оштетениот. Не треба да се инсистира по секоја цена на одредени прашања да се добие одговор, туку треба да се процени што и колку може да очекуваме од ваквиот разговор. Добиените сознанија од сослушување на оштетениот дополнително треба да ги провериме.

б) Најважни сознанија за извршено кривично дело до кои треба да дојдеме при обавување на разговор со оштетениот. Оштетениот при своето слободно излагање изнесува голем број на факти кои треба да ги поделиме на неважни и важни. Испитаникот при обавување на разговор со оштетениот ( доклку тоа е можно ), треба да инсистира да биде прецизирано точното време и место на извршување, детален опис на средствата на извршување, можниот извршител, дали се познава со извршителот на кривичното дело, подетален опис на извршителот на кривичното дело, лица кој го набљудувале кривично правниот настан, предмети кои потекнуваат од кривично правниот настан, неговата лична и електронска комуникација со лица пред извршување на кривичното дело од кое тој е оштетен како и начинот на извршување на кривичното дело. За сите овие околности

24

оштетениот треба да биде прашан врз основа на што тврди дека нештата за време на извршување на кривично правниот настан така ги перципирал или пак не е сигурен во она што го изнесува.

в) Проучување на личноста на оштетениот. Доколку тоа ни го овозможува времето и зададената ситуација, плодотворно е да се проучи личноста на оштетениот од следните причини. Постои категорија на лица со психички пореметувања кои перманентно пријавуваат извршување на кривично дело при што тие се оштетени. Мора да ја провериме релацијата на оштетениот и лицето кое тој го пријавува дека над него извршило кривично дело затоа што е можно оштетениот да има крајна намера, поради различни мотиви ( лоши меѓучовечки односи, омраза, антипатија, осигурителна измама и сл. ) да му наштети на лицето кое го пријавува.

г) Тактика која се употребуваат при сослушување на оштетениот. Како и во други ситуации, така и при сослушување на оштетениот, потребно е да примениме тактика, со цел да дојдме до објективен исказ и тоа на следниот начин:

- активирање на асоцијативните врски со цел да се освежат сеќавањата на оштетениот,

- прикажување на скици, макети, средства на извршување на кривичното дело, фотографии или снимки,

- по потреба да се изврши повторно сослушување,

- сослушување на местото на кривичниот настан со цел побудување на асоцијативните врски.

СОСЛУШУВАЊЕ НА ОСОМНИЧЕН ИЛИ ОБВИНЕТ

Во секој конкретен кривично правен настан, квантумот на индиции укажуваат на можниот сторител или сторители на кривичното дело. Таквиот степен на приберени сознанија од страна на криминалистот во преткривичната постапка или пак по подигнатиот обвинителен акт во кривичната постапка, задолжително бара сослушување на осмничениот или обвинетиот со цел да се разјаснат одредени факти и поединости поврзани со самото извршување на кривичното дело. Осомничениот или обвинетиот како можен извршител на кривичното дело, сепак најдобро ги перципирал дејствијата кои самиот ги превзел. Нормално е лицата кои се наоѓаат во ваква ситуација, при нивното сослушување кривичниот настан да го презентираат од своја гледна точка ( отфрлање на вината од себе или намалување на вината за извршеното кривично дело ), од гледна точка од која се очекува да ја отфрли во целост или делумно својата вина за стореното кривично дело.

Ваквиот начин на размислување не упатува на тоа, пред отпочнувањето со сослушување на оваа категорија на учесници во кривичниот настан, првин да донесеме проценка дали и кога ( во кој момент ), ваквите лица ќе ги повикаме на сослушување (прераното сослушување на осомничениот или обвинетиот може да ја осуети целата преткривична

25

nema postavljenih komentara
ovo je samo pregled
3 prikazano na 32 str.